Втора победа во меѓусебните дуели со Куманово, вардарки се зацврстија на четвртото место во Супер лигата

Сениорската екипа на Вардар стигна до нов триумф во Супер Лигата, втор во меѓусебните соочувања со екипата на ЖРК Куманово. Вечерва во салата „Круме Кепески“ избраничките на Платон и Кузмановска беа подобри од тимот на Куманово, со резултат 35:29 (16:14).

Во првите 15 минути гледавме израмнета игра, во која и двете екипи се менуваа во водство. Екипата на Куманово во 8 минута имаше предност од два гола разлика, кога резултатот на семафорот гласеше 5:7. Во овој период на двете страни видовме неколку голмански одбрани, кај нас Андреа Илиќ и на спротивната страна, Симона Грујовска, се истакнаа со неколку интервенции. Во втората половина од првото полувреме, вардарки ја превзедоа контролата на играта во свои раце.

При резултат 8:9, нашиот состав направи серија од 3:0, со головите на Трифуноска, Неделковска и Миленкоска, поведовме со 11:9 во 18 минута од натпреварот. До крајот на првиот дел се играше гол за гол на двете страни, за на пауза да заминеме со водство од 16:14.

По само 6 минути игра во вториот дел, со два последователни голови на Миленкоска и еден на Неделковска успеавме да поведеме со 21:17, што беше наша најголема предност во тој дел од натпреварот. До крајот имавме контрола на играта и не дозволивме противникот посериозно да се закани на нашата предност, иако на седум минути пред крајот Куманово намали на три гола негатива (31:28), сепак вардарки со фуриозен финиш успеаа да слават победа со резултат 35:29.

Вардар: Ивана Трифуноска 8, Ивона Кимовска, Јасмина Попова 1, Дона Тодоровска 6, Елена Балоска 1, Нина Попова 3, Нина Неделковска 5, Марија Галачева, Марија Голабоска 3, Михаела Вељаноска, Андреа Илиќ ( 3 одбрани ), Драгана Тодоровска, Јана Поповска, Леона Миленкоска 8, Вероника Ѓорѓиевска ( 7 одбрани ), Мила Ристовска 1.

Ова е вкупно шестта победа сезонава за Вардар, втора во меѓусебните дуели со екипата на Куманово, со која се зацврстивме на 4.место на табелата со 12 освоени бодови. До крајот на годината не очекуваат уште два натпревари, гостување кај екипата на Пелистер и домашен натпревар против екипата на Ѓорче Петров.