Леона Миленкоска: Сакам да играм во Лигата на Шампиони еден ден и да бидам дел од сениорската репрезентација на Македонија
Во следново наше интервју ја претставуваме Леона Миленкоска, која веќе трета година е дел од нашиот клуб. Се работи за младинска репрезентативка на Македонија и играч на сениорската екипа на Вардар. Има настап зад себе и на кадетското Европско Првенство во Црна Гора мината година и на младинското Светско првенство кое годинава се играше во Скопје.
Минатата сезона, успеа со кадетките и младинките да стане Шампион на Македонија и да заврши како најдобар стрелец во кадетската екипа на Вардар. Со првиот тим се пласираше на Ф4 турнирот во Купот на Македонија, каде во полуфиналниот натпревар против екипата на Чаир, беше еден од најдобрите стрелци во својот тим.
Во новата сезона ја гледаме како стандардна ракометарка на позицијата лево крило, во составот кој го предводи Анжела Платон. Во продолжение можете да го прочитате интервјуто со нашата ракометарка, Леона Миленкоска.
1. На колку години беа вашите ракометни почетоци, како се роди љубовта кон ракометот ?
Започнав со ракомет на 8 години во ракометната школа Кастратовиќ, пред мене започна и мојата сестра, така и кај мене се појави желба за да играм ракомет.
2. Како се случи да преминете во ракометниот клуб Вардар ?
Како мала редовно присуствував на натпреварите на шампионскиот тим на ЖРК Вардар и уште од тогаш имав желба еден ден да заиграм за Вардар.
3. Минатата сезона со кадетките и младинките на Вардар успеавте да станете Шампиони на Македонија, дали ова беа први ваши трофеи во играчката кариера и како екипа дали од стартот на сезоната верувавте дека можете на крајот да го подигнете трофејот и во двете младински категории?
Првиот трофеј го освоив пред две години како дел од младинската екипа на Вардар. Уште од стартот на минатата сезона верувавме и напорно работевме за да ги освоиме пехарите во двете категории.
4. Вие сте и репрезентативка на Македонија, минатата година бевте дел од кадетското Европско првенство во Црна Гора, додека годинава го носевте националниот дрес и на младинското Светско првенство кое се играше во Скопје. Какво е чувството да се носи националниот дрес и дали сметате дека Македонија има ракометна иднина ?
Чест и задоволство е да се носи националниот дрес, чувството е одлично и секогаш сум мотивирана да го дадам својот максимум. Млада талентирана генерација сме и со многу работа и труд може да има успех.
5. Покрај настапите за кадетките и младинките, минатата сезона добивавте шанса и минутажа на натпреварите на првиот тим во Супер Лигата и во Купот. Успеавте да се пласирате на Ф4 турнирот во Купот каде загубивте во полуфиналето од Чаир, натпревар на кој бевте еден од подобрите стрелци во Вардар. Како ќе ја опишете минатата сезона, со првиот тим, дали конечниот пласман во Супер Лигата беше реален за вашата екипа ?
.Да играм во Супер лигата беше големо искуство и предизвик за мене, но сепак мислам дека успехот што го доживеавме беше реален, бевме квалитетна екипа со млади играчи и јас како помлад играч – кадетка, добивав шанса и солидно ја користев.
6. Во подготвителниот период пред стартот на новата сезона, бевте дел од силен меѓународен турнир кој е во организиција на Ѓорче Петров. Одигравте вкупно пет натпревари на турнирот, колку истиот ви помогна да се подготвите за новата сезона ?
Турнирот беше тест за да видиме до каде сме како екипа со многу нови играчи, резултатот не ни беше битен, повеќе беше важно да изградиме тимски дух за да можеме да покажеме подобри резултати во Супер лигата.
7. После три одиграни кола во Супер Лига, од кои во едно бевте слободни, Вардар оствари победа против Деспина и загуби од Ѓорче Петров, противник на кој силно му париравте во првото полувреме. Едно ваше видување за споменатите натпревари, како поминаа и колку сте задоволни од играта и постигнатиот резултат ?
Со Деспина игравме на гостински терен, прва утакмица со нови играчи, немавме притисок, бевме мотивирани да се покажеме во најдобро светло и со тоа донесовме два бода дома. Ѓорче Петров се фаворит во лигата, но иако имаат доста искусни играчи ние успеавме да им парираме едно полувреме, но на крајот пресуди поголемиот ростер и поголемото искуство кај победничката екипа.
8. Сезонава, вашиот тим е спој од искусни и млади ракометарки, што може да очекуваме од Вардар во двете натпреварувања ?
Ние сме екипа со млади играчи и во изминатиот период направивме добра хемија и атмосфера во клубот. На секој натпревар влегуваме максимално фокусирани и иако има неколку поквалитетни екипи од нашата, ние секогаш целиме на највисок пласман. Амбиции во двете натпреварувања ни се да го повториме успехот од лани, а ќе се потрудиме и за повисока позиција.
9. Кои се следните активности поврзани со националната репрезентација ?
Ова лето имаме голем предизвик бидејќи учествуваме на младинското европско првенство во Црна Гора. Сите се надеваме на подобри резултати бидејќи не ни е прва година заедно, се знаеме меѓусебно и поголем дел од девојките настапуваме во супер лигата каде што добиваме поголемо искуство.
10. За крај на интервјуто, која е целта која Леона сака да ја оствари во иднина на спортски план ?
Како млад спортист постојано се трудам да напредувам и и да се надминувам. Имам амбиции на клупско ниво еден ден да играм во Лигата на Шампионите и да бидам дел од сениорската репрезентација на Македонија. Со напорна работа и поддршка од тимот со кој настапувам верувам дека ќе успеам.