Победнички старт на новата натпреварувачка сезона за младинките на Вардар, кои го бранат трофејот освоен од минатата сезона. Избраничките на Платон и Кузмановска ја оправдаа фаворитската улога и славеа на првиот натпревар против екипата на ЗГРК Илинден Вардар со резултат 25:20 (13:6).
Натпреварот го отворивме со два последователни голови, додека по 8 минути игра, со погодокот на Дона Тодоровска имавме водство од 5:2. Ние бевме тимот кој ја контролираше играта и резултатот на овој прв натпревар во младинската лига. На нашата предност, голема заслуга имаше и голманот, Зорица Хасаноска, која беше брилијантна на нашиот гол во првото полувреме, успевајќи да одбрани неколку тешки удари на противничките ракометарки.
Леона Миленкоска во 10 минута ни донесе и предност од 7:2. Екипата на Илинден на моменти се закануваше на нашата предност, така беше при резултат 8:5, но тоа беше и последната резултатска неизвесност на овој натпревар. Во 26.минута, Ивана Трифуноска ни донесе предност од 11:6, додека со звукот на сирената погоди Мила Ристовска за резулат 13:6 на полувреме.
Во вториот дел го контролиравме натпреварот, високата предноста која ни ја донесе со „бомба“ удар, Леона Миленкоска при резултат 18:9, ни овозможи комоција во нашата игра во овој дел од натпреварот. Екипата на Илинден успеа до крајот на мечот да ја намали негативата и да се избори за достоен пораз со резултат 25:20.
Најефикасни во нашите редови беа Трифуноска и Миленкоска кои постигнаа по 6 голови, додека на голот одлична беше Зорица Хасаноска со вкупно 13 одбрани.
Вардар: Хасаноска (13 одбрани ), Драгана Тодоровска 1, Стојкова, Трпкова, Соколовска, Јанева, Поповска, Балоска 5, Николовска, Франговска, Божиновска 1, Смилевска, Дона Тодоровска 4, Миленкоска 6, Ристовска 2, Трифуноска 6.