Вардарки го надиграа Ѓорче Петров, во дербито на младинската лига
ЖРК Вардар го доби дербито во 3.коло на младинската лига, откако вечерва со убедливи 30:22 (13:16) успеа да ја победи екипата на Ѓорче Петров МРК.
На овој натпревар гледавме поинаков Вардар во двете полувремиња. Во првото полувреме екипата на Ѓорче Петров имаше предност од три гола разлика, но во вториот дел, играше само еден тим на теренот, тоа беше Вардар, кој не само што ја надокнади негативата, туку на крајот успеа и да му нанесе висок пораз на директниот конкурент за трофејот.
Во првите десет минути од натпреварот гледавме игра гол за гол на двете страни, на нашиот гол одлично започна Ноели Ангелов која денес беше брилијантна на голот. Натпреварот со гол го отвори Трифуноска, додека по 10.минути игра предност од 4:3 ни донесе Миленкоска со удар од седум метри. Продолжи натпреварот во брзо темпо кое го наметнаа и двете екипи, прва позитива од два гола за нашиот тим донесе денес одличната Дона Тодоровска, која зголеми на 6:4 во 12 минута. Следеше период во кој противникот успеа да направи серија од 1:5, за да поведе со 7:9, а ние лошата серија ја прекинавме преку Мила Ристовска која намали на 8:9. До крајот на првиот дел, гостите од Ѓорче одржуваа предност, Миленкоска намали на 13:15, но со звукот на сирената, погоди противничката ракометарка за солидна предност од 13:16 после 30 минути игра во салата „Круме Кепески“.
Во вториот дел, гледавме еден моќен Вардар кој ја демонстрираше својата сила и квалитет на теренот. За кратко успеавме да ја надокнадиме негативата од три гола. Со погодоците на Јанева и Миленкоска намаливме на 15:16, додека во 36.минута за израмнување на резултатот (17:17) се погрижи Мила Ристовска. Продолжи нашата серија, преку Дона Тодоровска за водство од 19:17, по што во 38.минута тренерот на Ѓорче Петров беше принуден да побара минута одмор. Ништо позитивно не се смени во играта на противникот, избраничките на Платон беа во налет и повторно со погодок на Тодоровска, стигнаа до серија од 5:0 и предност од 20:17. За момент противникот ја прекина нашата серија, но Вардар врати преку Миленкоска и Ристовска. Повторно нашиот голман одлично брани, што беше само потик за нејзините соиграчи да погодуваат. Повторно на сцена стапуваат Миленкоска и Тодоровска, за веќе водство од 24:18 во 48.минута, што повторно го принуди противничкиот тренер да повика тајмаут. Ѓорче Петров не успеа да се врати во игра, Вардар не дозволи такво нешто. Откако Леона Миленкоска пресече една топка од половината на противникот, тоа го казни со погодок за највисоки 26:19 во 53 минута. До крајот на мечот го одржувавме водството, а натпреварот го завршивме на најдобар можен начин со цепелин погодок, дело на Тодоровска како асистент и Миленкоска како реализатор, за конечни 30:22 во овој дерби натпревар од младинската лига.
После три одиграни кола, Вардар има исто толку победи, со што се зацврстува на првото место на табелата. Најефикасни во нашиот состав беа Дона Тодоровска и Леона Миленкоска со по 9 голови. Ноели Ангелов одлична на голот со двоцифрен број на одбранети удари.
Вардар: Д.Тодоровска, Трпкова, Соколовска, Јанева 2, Поповска, Балоска, Стојанова, Николовска, Д.Тодоровска 9, Франгоска 1, Ангелов, Миленкоска 9, Божиновска, Смилевска, Ристовска 6, Трифуноска 3.