Рутинска победа за сениорките против екипата на Спартак

ZRK Vardar

Вардарки ја оправдаа фаворитската улога и стигнаа до рутинска победа на натпревар од 9.коло во Супер Лигата, кој вечерва се одигра во салата Круме Кепески. Избраничките на Платон и Кузмановска славеа во дуелот со екипата на Спартак со резултат 41:18 (22:12).

Освен во стартните две минути од натпреварот кога гостинската екипа поведе со два гола разлика, остатокот од натпреварот помина во наша доминација. После предноста на Спартак од 0:2, ние постигнавме седум последователни голови за водство од 7:2. Првите два гола за нас беа дело на Јасмина Попова, додека прво водство ни донесе Леона Миленкоска.

Се редеа контрите на половината на противникот, а Вардар безмилосно реализираше. Откако Бојана Радевска погоди за 7:2 во 8 минута од натпреварот, тренерот на Спартак побара тајмаут. Во првиот дел на голот беше Андреа Илиќ, која успеа да забележи осум одбрани.

Како одминуваше првиот дел, се зголемуваше предноста во наша корист, при резултат 10:6, направивме нова висока серија, за со голот на Ива Кимовска да стигнеме и до двоцифрена предност од 16:6 во 22 минута од натпреварот. Двоцифрената разлика ја задржавме до крајот на првиот дел, кога на краток одмор се замина со резултат 22:12.

Нашата серија продолжи и во вториот дел, кога со голот на Нина Попова зголемивме на 25:12. На голот застана и Вероника Ѓорѓиевска која натпреварот го заврши со двоцифрен број на одбранети удари. Речиси, сите ракометарки се запишаа во листата на стрелци и сите добија минутажа од Анжела Платон. Прашање беше само со каков резултат ќе заврши овој натпревар, на кој во вториот дел му дозволивме на противнико да постигне само шест голови.

Леона Миленкоска беше најефикасна кај нас со 8 постигнати голови.

Вардар: Ива Кимовска 3, Јасмина Попова 3, Дона Тодоровска 1, Бојана Божиновска 3, Нина Попова 3, Нина Неделковска 3, Марија Голабоска 3, Михаела Велјаноска 2, Андреа Илиќ ( 8 одбрани ), Сара Богојеска 5, Леона Деметра Франгоска, Ивона Кимовска, Бојана Радевска 5, Леона Миленкоска 8, Вероника Ѓорѓиевска ( 12 одбрани ), Нина Милевска 2.