Во драматичен натпревар, Вардар и Чаир ги поделија бодовите
Во драматичен натпревар до последна секунда, Вардар и Чаир ги поделија бодовите, играјќи со нерешен резултат 29:29 (15:13), во рамките на првото коло во женската Супер лига.
Лошо започна натпреварот за нас, откако и двете екипи постигнаа по еден гол, следеше серија на Чаир со која успеа да поведе со 1:6, по што следеше тајм аут кој го повика Александар Царчев. Во продолжение од натпреварот следеше многу подобра игра на нашиот тим, кој успеа да врати со серија од 4:0 и да го намали резултатот на 5:6. Во овој период, два гола постигна Борјана Коцева, додека по еден гол беа дело на Тамара Ивановска и Сара Стефаноска, а Вероника Ѓорѓиевска на голот одбрани седмерец на противникот.
При резултат 9:9, следеше период од пет минути во кој и двете екипи не успеваа да го пронајдат патот до мрежата. Во 23.минута за прв пат имавме предност од 12:11 со голот на Бојана Коцева. На нашиот гол се разбрани Андреа Илиќ, која фати два зицери на противникот, за ние да имаме и водство од 13:11. Со голот на Тамара Ивановска поведовме и со 14:12, додека на полувреме се замина со наша предност од 15:13.
Второто полувреме започна со голот на денес одичната Сара Стефаноска, за 16:13, а со погодокот на Тамара Ивановска имавме и водство од 18:14. Во тие моменти добро делувавме на теренот, нашата одбрана беше на ниво, додека во нападот имавме идеи за реализација. Во 40.минута противничкиот тренер беше принуден да побара тајм аут, откако Сара Стефаноска постигна два гола во серија за највисоки 21:16.
Сепак, Чаир успеа комплетно да се врати во игра, следеа наши лоши минути, за противникот со серија од 0:5 да го израмни резултатот на 21:21. Во 50 минута предноста од еден гол ја врати Трпевска, додека на две минути пред крајот погоди и Бојана Коцева за 28:27. Гостите од Чаир со два гола во серија поведоа со 28:29, ние израмнивме преку Стефаноска за 29:29. кој беше и конечен резултат на крајот.
Противникот имаше напад за победа, не реализира, останаа уште неколку секунди, Илиќ се обиде да ја префрли топката на противничката половина, но нејзиниот удар беше блокиран.
Вардар: Стојчевска, Кимовска, Ивановска 4, Попова 1, Стефаноска 10, Галачева, Василева 4, Велјаноска, Илиќ, Борјана Коцева 2, Трпевска 3, Кимовска, Радевска 1, Ѓорѓиевска, Милевска, Бојана Коцева 4.
Андреа Илиќ имаше 9 одбрани и Вероника Ѓорѓиевска 1.
Честитки до нашиот тим, едноставно оставија срце на терен девојките.