Skip to content
Дома » Вести » Браво! Обезбедено место на Ф-4 во Купот за сениорките

Браво! Обезбедено место на Ф-4 во Купот за сениорките

    Денес во салата Круме Кепески во Кисела Вода, ЖРК Вардар беше домаќин на Деспина во финалниот дуел од Куп групата-3. Со одлична игра и двете победи, пред два дена над Гевгелија и денес над тимот од Прилеп обезбедивме место на завршниот Ф-4 турнир.

    Местото на собирот на најдобрите четири женски ракометни екипи кои ќе се борат за пехарот во ова натпреварување го обезбедивме по денешната победа со резултат 30-21 (16-11).

    Посакуваме да играме на завршницата од Купот па влеговме фуриозно во натпреварот. Веќе по осум минути на овој финален дуел се одлепивме на плус пет кога атрактивно погоди Коцева Бојана за 7-2. За да го спречат нашиот налет, клупата на прилепчани реагираше и побара тајм-аут. Тоа не им помогна многу па некаде на средината на првиот дел отидовме за прв пат на осум плус, голманот Илиќ погоди од гол на гол за предност од 13-5.

    Следеше краток период во кој ривалот “покажа заби”, успеа со серија 1-4 да намали на 14-9 во 22.минута. Нашата клупа побара минута одмор успеавме да го прекинеме налетот на прилепчанки, и да ги зачуваме пет плус за одморот. Со голот од пенал на Василева Симона пред крајот поведовме со 16-11, резултат со кој се замина на пауза на овој натпревар.

    Во вториот дел започнавме изедначено, противникот погоди три пати, ние вративме исто толку, па на семафорот по погодокот на Бојана Коцева стоеше 19-14 по 37.минути игра во финалето. Тимот од Прилеп исто како и ние посакуваше пласман на собирот на најдобрите и се бореше за секоја топка.

    Ја подобруваме играта во нападот, во одбраната игравме поборбено, на тоа и нашите голманите Илиќ и Ѓорѓиевска додадоа одбрани. Од минута во минута ја зголемувавме предноста која на крајот беше убедлива. Победивме со девет плус за пласман на фајнал-форот во Купот на Република Македонија во женска ракометна конкуренција. Победата дојде со резултат 30-21 во ова финале.

    Вардар: Илиќ 1гол (14.одб), Борјана Коцева 7, Кимовска 1, Попова 2, Василева 5, Велјаноска, Франгоска, Трпевска(к) 7, Попова, Тодоровска 1, Радевска 1, Миленкоска, Вероника Ѓорѓиевска (2.одб), Милевска, Шехтанска 3, Коцева Бојана 2.