Балоска: Пристигнувањето во Вардар е остварување на детскиот сон

♤ Мини-серијалот на интервјуа со дел од кадетките кои се „златната” селекција на Вардар го завршуваме со денешното последно интервју, трето по ред. Овој црвено-црн состав во сезоната влезе како шампиони и одлично ја бранат таа позиција, па на одмор заминавме како лидери. Денес во роденденскато интервју ќе ве запознаваме со еден од најдобрите играчи, Балоска Елена која вчера прослави полнолетство. Станува збор за талентиран репрезентативец во нашите редови кој прикажува допадливи и квалитетни игри. Одличен бек кој имаше блескаво Европско првенство зад себе во Црна Гора ,дојде со титула најдобар играч и стрелец од Ф-4 во домашната лига во пионерската конкуренција. Ги оправда очекувањата и брзо се наметна како стандарден играч во кадетската екипа и има настапи за сениорките на Вардар, дефинитивно една комплетна ракометна појава.

Балоска потекнува од најракометниот град во земјата, Струга, за почеток ни зборува за нејзините први ракометни почетоци.

□Мојата дружба со ракометот започна уште на седум годишна возраст. Во тој период, не знаев за ракометот како спорт, но благодарение на моите родители кои ме запознаа со него, направив прв чекор кон она што подоцна ќе стане важен дел од мојот живот. Тие ја препознаа можноста спортот да ми помогне во развојот, а со текот на времето и јас ја открив љубовта кон играта. Мојот прв ракометен клуб беше ЖРК Стружанка од Струга, место каде што ги направив моите први вистински ракометни чекори. Таму започна моето оформување како играч, но и како личност. Тренер со кој работев беше Владимир Паноски, кој имаше големо влијание врз мојот развој и преку кого научив што значат упорноста, дисциплината и посветеноста, но пред се волјата и желбата за напредок. Прва позиција беше среден бек, позиција која ми беше доделена од тренерот бидејќи сметаше дека најмногу ми одговара. Иако денес најчесто настапувам како лев бек, таа почетна улога ми помогна подобро да ја разберам играта и одговорноста на теренот.

Вардар успеа да доведе квалитетен бек, пред пристигнувањето во црвено-црната екипа младата Стружанка освои пехар, на завршниот Ф-4 турнир каде имаше најважна улога на теренот па доби и две лични признанија од РФМ.

□Освојувањето на пионерската титула со Стружанка во сезоната 2023/2024 за мене има посебно значење, бидејќи беше резултат на голем труд, дисциплина и тимска посветеност. На Ф4 бев прогласена за МВП и најдобар стрелец, што ми претставува силна мотивација и потврда дека сум на вистинскиот пат. Успехот не дојде случајно, туку како резултат на напорна работа, довербата од соиграчите и заедничката борба до последниот свиреж. Ова искуство ме обликуваше како играч и како личност и ми даде дополнителен мотив да продолжам да напредувам и да поставувам уште повисоки цели.

Дојде ред за следен предизвик, едноставно ја надрасна околината во која беше, па не погреши што пристигна во Вардаровиот колектив.

□Преминувањето во Вардар за мене претставува еден од најголемите чекори во мојата досегашна кариера. Во 2024 година, на 16-годишна возраст, добив повик од стручниот штаб на Вардар, што за мене беше остварување на детски сон. Во првиот момент бев исклучително возбудена и не знаев како да реагирам, бидејќи отсекогаш сум сонувала да бидам дел од еден толку голем и реномиран клуб како Вардар. Адаптацијата во тимот помина многу полесно отколку што очекував, пред сè благодарение на одличниот прием од соиграчките. Секоја од нив ми помогна на свој начин, што ми овозможи брзо да се почувствувам како дел од тимот. Посебно значаен за мене е односот со тренерот, со кој имам исклучително добра комуникација. Таа секојдневно ме мотивира, ми укажува на детали и постојано ми овозможува да напредувам сè повеќе и повеќе, како на теренот, така и надвор од него. Најголем предизвик во адаптацијата беше интензитетот на тренинзите, бидејќи до тогаш немав работено на такво ниво, но со текот на времето се навикнав и значително напредував. Конкуренцијата е голема, но ја гледам како позитивна работа, бидејќи ме тера постојано да го давам максимумот. Што се однесува до животот во Скопје, на почетокот ми беше тешко да се одделам од семејството и пријателите, но со време запознав нови луѓе кои ми помогнаа да се чувствувам прифатено и исполнето, иако бев далеку од дома.

Нашиот бек по пониската титула во нашиот тим, продолжи да освојува првенства и со кадетките ја освои шампионската титула на Македонија.

□Да се биде дел од кадетската шампионска екипа на ЖРК Вардар за мене има посебно значење. Титулата што ја освоивме минатата сезона беше круна на целиот труд, жртва и посветеност што ги вложувавме во текот на целата година. Во моментот кога го подигнавме трофејот, чувството беше навистина прекрасно, бидејќи тоа беше нешто што со нетрпение го очекувавме и за кое работевме од првиот ден на подготовките. Оваа генерација ја прави посебна фактот што секоја од нас игра за тимот, а не за себе. Секогаш гледаме како да ѝ помогнеме на соиграчката, да наместиме асистенција и заедно да дојдеме до успехот. Покрај тоа, нè краси голема упорност, дисциплина и меѓусебна почит, што е клучно за добар тимски дух.

Иако млада, вчера наполни 18.години, доби доста брзо прилика во сениорскиот тим каде има шанса да настапува.

□Добивањето шанса да играм за првиот тим на Вардар за мене претставува голем предизвик и исклучителна чест. Моето прво чувство беше комбинација од возбуда и гордост, бидејќи тоа е можност што многу играчи сонуваат, да се најдат меѓу најдобрите во клубот каде што секој ден се работи на највисоко ниво. За мене тоа значеше остварување на голем сон и огромен мотив за понатамошен напредок. Првите тренинзи и натпревари беа голем предизвик, бидејќи сега тренирам и играм со играчи кои имаат многу поголемо искуство од мене.

Есента нашите кадетки ја завршија како лидери со максимум бодови. Кадетската репрезентативка за истата вели:

□Чувството да бидеме лидери како генерација носи голема одговорност, но истовремено и огромно задоволство. Нашата игра е добро наметната, а упорноста и дисциплината што ги покажуваме се нашиот најголем адут. На тимски план би ја оценила сезоната со чиста “10-тка”. Атмосферата во тимот е одлична, со многу добра соработка и меѓусебна поддршка, што значително ни помогна да постигнеме големи успеси. Како тим сме силни, а нашата дисциплина е најсилната страна што ни овозможува да играме организирано и концентрирано на секој натпревар. Моите настапи ги оценувам како добри. Се чувствувам дека сум поодговорна на теренот и во тоа како да помогнам на соиграчките кога е најпотребно. Сепак, секогаш има простор за подобрување, а јас секојдневно работам за да бидам уште подобра и да давам го максимум за тимот.

Веќе измина паузата и полека започнуваат подготовките за пролетниот дел каде црвено-црните кадетки ги очекува одбраната на титулата, Елена дава свои очекувања.

□Од пролетниот дел на сезоната очекуваме да настапиме со истото темпо и посветеност како во есенскиот дел. Целта ни е да продолжиме да играме дисциплинирано, како тим, и да ги покажеме нашите квалитети на теренот. Лично, се надевам дека ќе ја искористам секоја можност за да напредувам и да давам максимум за тимот на натпреварите кои не очекуваат оваа ракометна пролет.

Интересно е дека Балоска го смени образованието и се посвети целосно на ракометот, тоа се рефлектираше и на нејзините игри, на позитивен начин.

□Моето средно образование го започнав во медицински смер, но подоцна преминав во ракометната Академија за да се посветам повеќе на ракометот и да се развивам како спортист. Академијата ми помогна да се фокусирам на моите способности, да ја подобрувам техниката, кондицијата и стратегијата во играта. Најголема придобивка е можноста да работам со искусни личности кои многу постигнале во ракометот, што ме мотивира да давам максимум на секој тренинг.

Нејзините одлични клупски настапи и донесоа место во репрезентацијата на Македонија. Одигра одлично ЕП каде дури два пати беше прогласена за играч на натпреварот (МВП).

□Беше голема чест да бидам дел од македонската ракометна репрезентација и да настапувам на Европското првенство во Црна Гора, искуство кое ќе го паметам целиот живот. Најсилното чувство беше огромната одговорност што ја носи настапот за својата држава, а веднаш потоа и гордоста, затоа што не е мала работа да го претставуваш македонскиот дрес на европска сцена. Секако, постоеше и притисок, но тоа е составен дел од врвниот спорт и дополнително ме мотивираше да го дадам најдоброто од себе. За мене, дресот на Македонија значи чест и обврска, но и остварување на еден детски сон. Признанијата како МВП ги гледам и како личен успех, но пред сè како резултат на тимската игра, затоа што без поддршката од соиграчките и стручниот штаб, ништо од тоа не би било возможно. Настапот за Македонија секогаш ќе биде најголемата мотивација и инспирација за мене.

■ За крај помалку стандардно прашање за кадетките доби и овој вардаров “бисер” , каде се гледа за една деценија во ракометот.

□За 10 години се гледам како активна ракометарка на големата сцена, која сè уште игра на високо ниво и се натпреварува со најдобрите. Моја цел е постојано да напредувам, да го надградувам своето искуство и да бидам стабилен дел од силни клубови и натпреварувања. Многу ми е важно да останам дел од македонскиот ракомет и редовно да настапувам за репрезентацијата, затоа што тоа за мене претставува најголема чест. Верувам дека со континуирана работа, дисциплина и посветеност можам долго време да бидам на врвно ниво. Ракометот го гледам не само како спорт, туку како процес на постојан личен и професионален развој.