Неда Јанева: Кадетската екипа функционира како едно „семејство“

♤ Кадетките се “златната” селекција на Вардар, во сезоната влегоа како шампиони и одлично ја бранат таа позиција, па на одмор заминавме како лидери. Во следното интервју ќе ве запознаваме со еден од најдобрите играчи, пикерот Неда Јанева. Станува збор за талентиран репрезентативец во нашите редови кој прикажува допадливи и квалитетни игри и оваа есен по враќањето од повредата е еден од најважните „алки” во оваа шампионска генерација.

За почеток зборуваме за нејзините први ракометни чекори и дружбата со ракометната топка

●Cо играње на ракомет започнав релативно мала веќе на 9-годишна возраст. Најпрво играв во Металург како бек, а потоа продолжив со настапи во екипите на Вардар Драчево и во КЛ7, тоа беа моите први ракометни искуства.

Доаѓа времето за натпреварувачки настапи во системот на РФМ, младата и талентирана девојка минува во црвено-црната екипа.

● Вардар отсекогаш за мене бил клуб број еден. Не можам да го споредам со ниту еден друг клуб, и навистина ми е голема чест што играм тука. Со доаѓањето во неговите редови, ми се исполни сонот да сум дел од клубот со големо ракометно име во Македонија.

Моментално е дел од актуелниот шампион на Македонија, екипата која е и есенски лидер со максимален ефект, вардаpoвиот кадетски состав.

●Тимот е одличен, ние сме една целина, едно големо црвено-црно семејство. Имаме разбирање и почит една кон друга, што според мене е клучно за секој успешен тим. Тренерот Даниела ни посветува максимално внимание на сите, и навистина се чувствува дека искрено сака да напредуваме и да успееме, само во суперлативи може да се изразам за мојата екипа.

За жал повредите се дел од спортот, Јанева минатата сезона во финишот доживеа непријатна повреда од која се рехабилитираше се до почетокот на оваа натпреварувачка сезона.

●Повредата беше навистина тешка, таа е зад мене иако не беше едноставно. Во оваа сезона после опоравувањето задоволна сум од тоа како изиграв и уште повеќе што успеав да ја пребродам. Тоа ми даде дополнителна сила и самодоверба при настапите за Вардар.

Нејзината екипа есенскиот дел го заврши како лидер со максимален број на бодови, за играта на тимот дава кратка и концезна оценка.

●За екипата оваа есен едноставно би дала чиста десетка. Навистина сум задоволна од тоа како функционираме и како си даваме поддршка една на друга, буквално „дишеме“ како еден.

Следи зимска пауза по која продолжуваат возбудувањата во пролетниот дел во кадетската конкуренција и втората фаза од одбраната на титулата.

●Очекувањата ми се исти, како и на почетокот на сезоната, да ја завршиме лигата како првопласирани и да ја одбраниме титулата. Верувам во тимот и во тоа што можеме да го постигнеме со заеднички напор, труд и желба за нов пехар во витрините на ЖРК Вардар.

Нејзината игра и одличните настапи во вардаровиот колектив не останаа незабележани па како потврда за квалитет со кој располага добива покани за мак.селецијата.

●Искрено, многу сум благодарна и почестена што добив покана да играм за македонската репрезентација. Тоа за мене е голема мотивација и посебно чувство, затоа што ја сакам својата држава и секогаш ми било чест да ги претставувам нашите бои. Мило ми е што добив можност да играм и да дадам свој придонес, и секогаш ќе се трудам да ја оправдам довербата кога настапувам во дресот со црвено-жолтите национални бои на себе.

За крајот на ова интервју, и поставивме прашање каде нашиот пикер се гледа за една деценија од сега во ракометот.

●За десет години се гледам меѓу најдобрите во светот. Имам големи амбиции и верувам дека со напорна работа и посветеност можам да го достигнам тој врв. Знам дека ќе биде тешко и дека ме очекуваат бројни предизвици сепак сум оптимист по ова прашање и спремна сум за многу работа и жртвување за остварување на сонот.