Продолжува победничката серија на кадетките

Кадетките на Вардар продолжуваат со победите во првенството. Денес одигравме натпревар во Автокоманда против екипата на Металург кој заврши во наша корист. Конечниот резултат гласеше 37:26 (21:14).

Екипата на Металург пружи отпор во првите десет минути од натпреварот, кога се играше гол за гол, се до резултат 5:5, кога вардарки направија серија од 3:0, откако погоди Јана Стојанова за предност од 8:5 после 13 минути игра, што беше знак за противничкиот тренер да побара минута одмор.

Продолживме со добра игра и до крајот на првиот дел, кога се стекнавме со седум гола предност. Со погодоците на Тодоровска и Трифуноска поведовме со 17:11, за на полувреме да имаме високо водство од 21:14, откако мрежата на Металург ја погоди Сара Ристовска.

Набргу во вториот дел имавме и двоцифрена предност, Ристовска Сара погоди за 24:14, игравме добро и во одбраната, а Металург се потешко го пронаоѓаше патот до нашиот гол. Немаше никаква резултатска неизвесност, Вардар се одлепи и на највисоки 30:17. До крајот се беше рутина за нашиот состав кој славеше висока победа.

Најефикасни во нашиот состав беа Сара Ристовска со 9 и Мила Ристовска со 7 погодоци. Вардарки остануваат лидери во својата група со максимален број на освоени бодови.
Вардар: Ивана Трифуноска 6, Јана Стојанова 2, Елена Балоска 3, Миа Милошевска, Калина Смилевска, Јована Павичевиќ 1, Мила Ристовска 7, Симона Миноска, Стефанија Петроска, Ноели Ангелов, Варвара Атанасовска, Драгана Тодоровска 5, Мила Николовска 3, Антонија Тошевска 1, Мила Манева, Сара Ристовска 9.