Skip to content
Дома » Вести » Пионерките ќе играат за 3.место на Ф4 турнирот

Пионерките ќе играат за 3.место на Ф4 турнирот

    Пионерките ќе играат за 3.место на завршниот турнир, откако денес во полуфиналето беа минимално поразени од екипата на Стружанка. Конечниот резултат на натпреварот кој се одигра во салата во населбата Автокоманда гласеше 21:22 (13:13) во корист на противникот.

    Гледавме право финале на теренот, а присутните гледачи уживаа во играта на двете екипи. Нашите пионерки „изгореа“ од желба да играат во големото финале, но на крајот среќата се „насмевна“ на противничката екипа, на која ние како клуб им го честитаме пласманот во финалето.

    Добро го стартувавме натпреварот со одбрана на Ангелов, и со предност од 2:0 со головите на Мила Ристовска и Јана Стојанова. Стружанка се ослободи од притисокот, па врати на ист начин за израмнуавње на резултатот. Дамјаноска го врати нашето минимално водство, додека во 8.минута за прв пат противникот имаше предност од 5:6.

    На голот одбрани бележеше Ангелов, додека во нападот погодувавме преку Ристовска, но се играше гол за гол на двете страни. Драгана Тодоровска донесе предност од 13:12, но на краток одмор се замина со нерешени 13:13.

    Вториот дел започна со гол на Дамјаноска, додека при резултат 14:14 не искористивме две интервенции на Ноели Ангелов, па резултатот беше израмнет. Следеше наша серија од 2:0, откако погоди Драгана Тодоровска за водство од 16:14. Во 35 минута при наше водство од 19:18 тренерот на противникот побара минута одмор. Се влезе во неизвесна завршница, Стружанка направи пресврт и поведе со 19:20.

    Ние успеавме да израмниме, но противникот поведе со 21:22. Останаа 15 секунди до крајот на мечот, успеавме да одземеме топка, се создаде контра во која Дамјаноска биеше кон голот, но одбрани голманот на Стружанка. Конечниот резултат гласеше 21:22.

    Вардар: Петрова, Гроздановска, Стојанова 4, И.Ангелов, Јанева 1, Дамјаноска 4, М.Ристовска 6, Здравковска, Павиќевиќ, Тошевска, Н.Ангелов, Херин, Петровска, Тодоровска 4, С.Ристовска, Манева.

    Во малото финале, попладнево ќе играме со екипата на Делчево.