Skip to content
Дома » Вести » Со натпреварот против Ѓорче Петров заврши сезоната во Супер Лигата

Со натпреварот против Ѓорче Петров заврши сезоната во Супер Лигата

    Денес во спортската сала „Круме Кепески“ нашата сениорска екипа го одигра последниот натпревар за сезонава во Супер Лигата. Противник ни беше екипата на Ѓорче Петров од која бевме поразени со резултат 29-33 (16:16).

    Видовме ефикасен натпревар со добри периоди и од двете екипи. Ѓорче подобро го отвори натпреварот кога поведе со 0:2, додека за нас првиот гол беше дело на пикерот Нина Попова за намалување на резултатот. Противниот повторно имаше два гола разлика, но во 5.минута на семафорот стоеше 4:4, откако погоди Борјана Коцева. Следеше период на игра гол за гол на двете страни, а ние првото водство го имавме во 14 минута кога за 8:7 погоди повторно Борјана Коцева , претходно одбрана на нашиот гол имаше Андреа Илиќ. При резултат 8:8 имавме можност да го вратиме водството, но Трпевска не реализира удар од седум метри, за гостинската екипа да направи серија од два погодоци и да поведе со 8:10. Во 18.минута со голот на Ивона Кимовска израмнивме на 11:11, за до крајот на првиот дел видовме игра гол за гол на двете страни, за резултат 16:16 на полувреме.

    До 37 минута се играше гол за гол, кога Бојана Коцева погоди за 21:21, по што следеше период во кој Ѓорче Петров сврза четири гола и поведе со 21:25. Тоа беше и клучниот период за конечниот победник, ние се обидувавме да го внесеме натпреварот во неизвесност, но противникот не дозволи нивната предност да се спушти на помалку од три гола разлика. На крајот триумф за Ѓорче Петров со резултат 29:33.

    Вардар сезоната во Супер Лига ја заврши на 4.место, додека Шампион е екипата на Ѓорче Петров. Ние како клуб им го честитаме освоеното прво место на тимот на Ѓорче Петров.

    Вардар: Кимовска 3, Попова 2, Василева 3, Велјаноска, Илиќ ( 6 одбрани ), Борјана Коцева 3, Деметра Франгоска, Трпеска 4, Поповска, Тодоровска 2, Симоновска, Радевска, Ѓорѓиевска ( 7 одбрани ), Миленкоска 4, Милевска, Бојана Коцева 8.