Новогодишно интервју со капитенот на шампионите, Мила Ристовска

♤ Како што веќе знаеме кадетките се “златната” селекција на Вардар, во сезоната влегоа како шампиони и одлично ја бранат таа позиција, па на одмор заминавме како лидери. Денес во новогодишното интервју ќе ве запознаваме со еден од најдобрите играчи, нашиот капитен Мила Ристовска. Станува збор за талентиран репрезентативец во нашите редови кој прикажува допадливи и квалитетни игри. Играч со голема страст за ракометот, неуморлив борец, храброст ја краси и во двата правци. Дефинитивно една од најважните „алки” во оваа шампионска генерација. Со 28 постигнати погодоци е втор стрелец во нашиот табор, со еден помалку од Николовска, а се наоѓа на позицијата број пет во лигата.

Ристовска е родена во можеби најракометниот град во земјава, Струга, каде и ги прави своите први ракометни чекори.

■ Ракомет почнав да тренирам доста рано, веќе на шест годишна возраст се појави љубовта за овој спорт. Прв тим кај што започнав беше екипата на ЖРК Стружанка од Струга. Едноставно на почетокот веднаш ми се роди љубов кон ракометот која продолжи и во Вардар. Започнав на позицијата центар каде се уште настапувам во црвено-црната екипа.

Својата кариера ја продолжи во нашиот табор, каде веднаш се наметна со своите игри, придонес, борбеност и енергија.

■Доаѓањето во Вардар беше за мене голем предизвик бидејќи тоа е клуб со европски и светски достигнувања. Тука преминав во сезоната 2023-24 и веднаш бев одлично прифатена од тренерите и соиграчите во тимот. Адаптацијата беше брза, речиси веднаш се вклопив во системот на тренерот Даниела Новеска-Вељаноска.

Брзо впиша со вардарки пехар, минатата сезона беше дел од екипата која беше најдобра во Македонија во женската кадетска конкуренција.

■Трофејот во кадетската лига беше награда за вложениот труд и многу ми значи, не само мене туку на целата екипа, на играчкиот и стручниот кадар како признание за се она што квалитетно го сработивме сите заедно. Морам да потенцирам дека едноставно како тим функционираме одлично и сметам дека оваа генерација има огромен потенцијал и допрва ќе ги покаже своите најдобри перформанси на терените.

Младиот бек добива прилика во сениорскиот тим на Вардар, ова го заслужи со одличната борбеност и пожртвуваност, за тоа кратко ни одговара следно:

■Нема што да се мудрува, едноставно е чест и задоволство ми е да настапувам за првиот тим на Вардар, тоа е како остварување на сонот. Мотивирана сум да го дадам најдоброто од себе и да придонесам што повеќе за екипата.

Избраниците на Даниела Новеска-Вељаноска и Ажиевска Лидија во кадетската лига заминаа на паузата како лидери со максимален број на бодови. Капитенот на оваа генерација дава оценка на есенскиот дел на клупски и личен план.

■Кога сме кај есенскиот дел, дефинитивно имавме одлична полусезона како тим. Буквално секој од нас го даде максимумот на теренот па затоа и имаме позицијата на врвот на табелата пред паузата. Кога сум кај моите игри, сметам дека моите настапи беа на ниво и задоволна сум резултатите оваа полусезона на личен и тимски план во кадетската женската лига.

Од македонската репрезентативка побаравме нејзини очекувања за продолжеток на сезоната во кадетската лига по крајот на зимската паузата.

■Нема што да се мудрува, едноставно онаа цел од почетокот на сезоната останува. Наша цел оваа сезона е да се одбрани титулата од минатата сезона, оваа есен сме непоразени па нашите цели се во пролетната полусезона да продолжиме со исто темпо и да го оправдаме шампионскиот пехар од минатата натпреварувачка сезона и да ја збогатиме црвено-црната колекција на трофеи.

Мила сосема заслужено според прикажаното на натпреварувачки и лидерски план ја доби приликата да биде капитен на шампионите.

■Голема чест е што сум капитен на оваа екипа втора година по ред. Се трудам да има добар тимски дух, меѓусебно почитување и секогаш да целиме кон подобри резултати. Мојата капитенска улога ја гледам исклучиво како алатка да го “подгурнам” тимот кон подобри перформанси на теренот особено во клучните натпревари за одбрана на насловот.

Одличните настапи, непоколебливата игра во два правци, борбеноста, залагањето и квалитетот не може да не бидат незабележани. Па така младата вардарка е дел од македонската женска ракометна репрезентација во својата категорија.

■ Како што е познато за секој спортист е најголема чест е да настапува за својата национална селекција, па се разбира тоа во целост важи и за мене. Да се облече македонскиот дрес беше гордост, но секако тоа носи со себе и голема одговорност која се надевам ја оправдав ќе ја оправдам и понатака со моите настапи за светиот црвено-жолт дрес на Македонија.

За крај членот на мак.репрезентацијата и вардаров капитен го прашавме каде се гледа за околу една деценија во ракометот.

■Моите цели се да играм професионален ракомет да бидам целосното посветена на овој спорт и со успешност да бидам дел од професионалниот дел на оваа игра. Секако паралелно посакувам
и да бидам дел од македонската сениорска репрезентација.