Сениорската екипа ја оствари седмата победа сезонава во Супер Лигата, откако вечерва славеа на гостувањето кај екипата на Стружанка. Натпреварот од 9.коло заврши во наша корист со резултат 18:36 (7:20)
Натпреварот започна со погодок на Бојана Радевска и одбрана на Илиќ, а по пет минути игра имавме предност од 2:5. Екипата на Стружанка во еден момент намали на еден гол разлика (4:5), што беше и последна резултатска неизвесност на овој натпревар. Со голот на Борјана Коцева во 10.минута ги вративме трите гола разлика за предност од 4:7, за во следниот период да следи наша серија од 1:5, со погодок на Бојана Коцева во 17.минута имавме највисоки 5:12 предност, што беше знак за тренерот на домашната екипа да побара минута одмор. Не се сменија на позитивно работите за Стружанка и после тајмаутот, ние бевме тимот кој имаше контрола на играта и резултатот. Следеа два последователни голови на пикерот Нина Попова, за водство од 7:16, додека двоцифрено водство од 7:17 во 24 минута ни донесе Радевска со нов гол. До крајот на првиот дел само ја зголемивме разликата во наша корист, па со два гола на Радевска и еден на Попова, на полувреме заминавме со високи 7:20 предност во наша корист.
Во првите пет минути од вториот дел, видовме по еден погодок на двете страни и еден промашен седмерец за нашиот тим. Со одбрана на Вероника Ѓорѓиевска и два последователни голови на Симона Василева поведовме со 8:22. После добра одбрана и блокиран удар на противникот, на почетокот на 45.минута со голот на Ивона Трпевска имавме највисоки 10:25. Нина Попова ги истакна своите голгетерски вештини и од седум метри, со нејзин нов гол, вардарки на истекот на 50.минута имаа водство од 12:29. Прашање беше само со каков резултат ќе заврши овој натпревар, кој помина во наша доминација. Конечниот резултат гласеше 18:36.
Вардар: Стојчевска, Ивона Кимовска, Ивановска 5, Попова 5, Стефаноска, Галачева ( 2 одбрани), Василева 4, Велјаноска, Илиќ ( 11 одбрани), Борј.Коцева 2, Трпевска 10, Ива Кимовска, Радевска 5, Ѓорѓиевска ( 8 одбрани), Милевска 1, Бој. Коцева 4.