ЖРК Вардар поразен од Металург Автокоманда

Денес во салата „Круме Кепески“ бевме домаќини на екипата на Металург Автокоманда, на натпревар од 17.коло во плеј-оф на Супер Лигата. До триумф стигна противникот од Автокоманда кој славеше со резултат 22:30 (10:19).

Лошиот период кој го имавме од 12-22 минута кога не успеавме да постигнеме гол и дозволивме на гостинскиот тим да направи серија од 0:7 беше можеби и пресудно за конечниот исход на натпреварот. Првите два гола за нас беа дело на пикерот, Нина Попова, после игра гол за гол на двете страни, Вардар имаше водство од 7:6 во 11 минута со погодокот на Трифуноска, по што тренерот на гостите побара минута одмор. После тој тајм-аут се сменија работите на теренот, Металург Автокоманда направи серија од 0:7, ние цели 10 минути не успеавме да постигнеме гол, за лошата серија да ја прекине Миленкоска во 22 минута кога намали на 8:13. До крајот на првото полувреме, противникот само го зголеми водството, па на одмор се замина со резултат 10:19.

На стартот на вториот дел, противникот направи и двоцифрена предност. Избраничките на Платон ја намалија негативата, кога во 35 минута погоди Миленкоска за 14:21, истава ракометарка со нов гол намали и на 16:22, но немавме сили за некој поголем пресврт. Металург Автокоманда до крај го исконтролира водството и славеше триумф.

Најефикасна во нашиот состав беше Леона Миленкоска која постигна 7 голови.

ВАРДАР: Трифуноска 3, Кимовска, Ј.Попова 1, Илиќ, Балоска 1, Н.Попова 4, Голабоска, Неделковска 1, Ристовска 2, Франгоска, Поповска, Миленкоска 7, Ѓорѓиевска, Милевска 2, Соколовска 1.