Кадетското дерби убедливо му припадна на Вардар
Вардарки го добија кадетското дерби против екипата на Металург. На натпреварот кој вечерва се одигра во салата „Круме Кепески“ на кој ние бевме „условно“ гости, успеавме да стигнеме до висока победа изразена со резултат 25:42 (13:19).
Избраничките на Вељаноска одиграа одличен натпревар со силно темпо во текот на сите 60 минути. Откако и двете екипи постигнаа по еден гол, Вардар направи серија од 1:8 и веднаш се одлепи резултатски од противникот. До крајот на првото полувреме ја зачувавме високата предност и на полувреме се замина со резултат 13:19.
Фуриозно го стартувавме и второто полувреме и по само седум минути игра, беше веќе јасно кој ќе ги освои бодовите од овој натпревар, кој требаше да го понесе епитетот „дерби“. Вардарки беа во налет со осум последователни голови, за на семафорот во салата „Круме Кепески“ да стои резултат 13:27. Немаше никаква резултатска неизвесност, беше прашање само со колкава разлика ќе го добиеме овој натпревар. На крајот висок триумф со резултат, 25:42, со кој нашите кадетки останаа на врвот на табелата со максимален број на освоени бодови.
Вардар: Ивана Трифуноска 8, Јана Стојанова 2, Елена Балоска 7, Неда Јанева 6, Јована Павиќевиќ 1, Мила Ристовска 4, Михаела Петровска, Ноели Ангелов, Инес Ангелов, Драгана Тодоровска 7, Мила Николовска 2, Мила Манева, Сара Ристовска 5, Сара Дамјаноска.